Во првата година МРТ ќе биде финансирана со 0,7 отсто од Буџетот

Во првата година МРТ ќе биде финансирана со 0,7 отсто од Буџетот
Целта на измените и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е департизација и професионализација на МРТ и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Владата вчера веќе го испрати законот во Собранието.

Суштинските измени што се предлагаат, како што изјави портпаролот на Владата Миле Бошњаковски, се однесуваат на изборот на управните тела и директори на МРТ и на АВМУ, како и во однос на финансирањето на работата на МРТ и АВМУ.

Со измените се предвидува финансирање на јавниот радиодифузен сервис МРТ директно од Буџетот на Република Македонија и тоа во првата година со 0,7 отсто, во втората 0,8 отсто, третата 0,9 отсто, се до еден отсто. МРТ, вели Бошњаковски, ќе има целосна финансиска независност.

Министерот за администрација и информатичко општество Манчевски изјави дека се радува бидејќи овој закон ќе овозможи на јавноста да и бидат познати лицата кои ќе се кандидираат за членови на Програмскиот севрис на МРТ.

- Во однос на изборот на Програмскиот совет на МРТ, прво максимално е либерален пристапот за кандидирање, секој може да се пријави, мора да има осумгодишно искуство во областа на медиумите и поддршка од универзитетите, медиумски организации, пропишани се условите во законот. Се работи за луѓе кои што треба да се професионалци и од фелата да имаат. Она што за мене е најважно и различно од се до сега е дека јавноста ќе разбере за кандидатите, ќе ги гледа, додека трае постапката за избори. Во Комисијата за прашања на избори и именувања ќе се организира надзорна расправа и тие ќе кажат што работеле, рече Манчевски.

Во однос на операторите кои реемитуваат програма и тврдењата дека во законот се вметнати два става кои се неприменливи во Македонија, Манчевски кажа дека текстот оди во собраниска процедура и дека постои можност за негово ревидирање. Сепак, нагласи дека авторските права мора да се почитуваат.

Немаше конкретен одговор кога евентуално на владина седница би се нашле евентуални измени на Законот за медиуми, за што кажа дека Владата е тука да даде шанса и простор доколку медиумските работници сметаат дека тоа е потребно.

Со овој закон кој предизвика дебата во медиумската јавноста би се предвидела регистрација на интернет порталите, што би значело дека секој од нив би требало да содржи Импресум и да се регистрира во Централниот регистар.

Владата на вчерашната седница ги усвои измените и дополнувањата на Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радиодифузија, со кој се врши усогласување со измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Share with your friends: