Економијата тоне, а корупцијата цвета


АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ

Деновиве сме сведоци на ерупција на нова корупциска афера популарно наречена „Рекет 2“. Гледаме како против директорот на Фондот за здравство Ден Дончев и министерот за здравство Венко Филипче е поднесена кривична пријава за спречување на влез на странска инвестиција и финансиска штета на домашната компанија. Она што може да се види во заднина е дека овие двајца се обиделе да добијат некаква корист за себе и кога не ја добиле почнуваат со притисоци.

Од она што го читаме во јавноста како и од невештиот прес на директорот на Фондот за здравство јасно е дека аферата е многу поголема од тоа што досега се знае. Како што стои работата, развојот е многу сличен со „Рекет 1“, почна со шпекулации заврши со крунски докази.

Оваа афера веќе покажува еден систем на владеење каде што рекетот бил правило, а не исклучок. Систем со кој речиси и да нема министер или директор, висок функционер на оваа власт, кој не е опфатен. Едноставно, корупцијата е правило, а не исклучок за оваа власт. Тука би сакал да напроменам дека многу информации доаѓаат и до нас како политичка партија. Сè повеќе луѓе се охрабрени и доаѓаат до нас со индиции или докази за криминални дејствија. По систематизацијата и проверката на фактите нив ќе ги презентираме во јавноста со цел да поткинеме истрага, а на власта да ѝ го покажеме правецот кон оставка и предвремени избори. По сè што гледаме, оваа власт е толку завлезена во криминал што не може да се спореди со ништо претходно. Отпуштеноста и самоувереноста, како и немањето основно чувство за држава, ги однеле до таму од политичари која ја добиле довербата на народот да водат, да станат криминалци. Тие сега грчевито се обидуваат да ја задржат власта, како и да нема договор за законот за јавно обвинителство со цел да не понесат одговорност. Но одговорноста доаѓа побрзо од што мислат.

Во исто време, состојбите во економијата се катастрофални. Тоа е така зашто нема визија за поддршка и развој на бизнисот, дополнително со зголемувањето на даноците се оптовари и онака кревкиот македонски бизнис, а со рекетот кој го гледаме малкуте успешни фирми губат мотивација да работат. Влегуваат во период само на голо одржување во живот чекајќи подобри времиња, а сè повеќе македонски фирми капиталот го вадат надвор, како и нивните инвестиции. Да има податок колку македонски фирми и во кој обем инвестираат во Бугарија, Србија, Косово или Австрија, како четири дестинации кон кои најчесто бега македонскиот капитал, сите ќе бидат изненадени.

За странски инвестиции и да не зборуваме. Тие се на рекордно ниско ниво. Според официјалните податоци за периодот јануари-јуни оваа година, тие се само 55 милиони евра, далеку најниско споредено со цел регион каде одат во милијарди. Тоа е тажната вистина за Македонија. Во Македонија во моментов работат само тие што плаќаат рекет на власта и буквално никој друг!

Кога сето ова ќе се види, не е ни чудно што Европската Унија третпат одбива да даде чист датум за почеток на преговори. Се сеќавате, лани се зборуваше – само да се реши сопорот за името и почнуваме преговори со ЕУ. Јуни помина, Македонија не доби преговори. Тогаш Заев лажеше дека сме добиле датум за преговори и тоа е јуни оваа година. Дојде и овој јуни, преговорите пак не почнаа. Сега се зборува за октомври.

Како што стојат денес работите, Македонија е далеку од почеток на преговори со ЕУ оваа година и најоптимистички што може да се очекува е преговори пред преговори, односно нова формула во која пет европски институции поврзани со владеењето на правото да формираат тим кој ќе ги средува состојбите во Македонија во следните една до две години, па дури после тоа ако е сè во ред да се почнат преговори. Тоа е еден вид правосуден борд кој би го добила Македонија, затоа што со оваа влада на Заев корупцијата цвета и нема никаква волја ниту институционален капацитет таа да се реши. Затоа е потребно да дојдат луѓе од надвор што ќе ги решаваат проблемите.

И затоа ниту овој декември ниту следниот март нема да има почеток на преговори, кои секогаш, ама баш секогаш, со сите други држави бил формално означуван со средба помеѓу владата на земјата кандидат и Европската комисија. Тоа со владата на Заев нема да го видиме, што е парична плус за час поскоро да си замине. Ова е нов механизам кој ЕУ го воведува првпат и ќе биде само за Македонија и Албанија со кој остануваме во група на подолг период. Кога лани предупредував, тоа беше научна фантастика според Владата, денес е сурова реалност која Владата ја признава, но е доцна, зашто сега никој не сака да ја раздвои Македонија од Албанија, затоа што владата на Заев е полоша и од таа на Еди Рама. Затоа ЕУ се мачи и измислува механизми како да воведе малку ред. Оваа влада нема капацитет да ги разбере ниту примени. Затоа предвремени избори се потребни час поскоро и власта треба да престане да бега од нив.