Дневник од карантинот на еден актер (16)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Како насекаде на земјата да живеат сеништа. Мора да ги има толку многу, колку зрна песок во морето. Затоа сите ние толку бедно се плашиме од светлината, сите до еден“. Хенрик Ибзен, „Сеништа“ (Чин II)

 

Леталото „Солар орбитер“, лансирано во февруари за да го истражува динамичното однесување на Сонцето, ги направи досега најблиските фотографии од Сонцето, минувајќи на далечина од само 77 милиони километри од него. Нова студија покажа дека моќните ерупции на Сонцето можат да предизвикаат големи потреси и силни земјотреси на Земјата. Во северниот дел на Европа забележан е пораст на радијацијата, а забрзаното топење на мразот на Анатрктикот ги доведува до истребување кралските пингвини. Во древен изгубен град, закопан во длабоката прашума Ла Москитиа на истокот од Хондурас, откриен е богат екосистем со стотина видови флора и фауна, за кои науката мислела дека се веќе изумрени. На југот на Норвешка археолозите ископуваат викиншки брод стар околу 1000 години, откриен со помош на ГПР технологијата. Со две ерупции, вулканот Стромболи ги вознемири жителите на истоимениот остров во Италија. По повеќе децении, охридската краба се врати на крајбрежјето од езерото, а после 604 години, белите штркови повторно се гнездат во Британија. И додека фрлените маски и ракавици сè повеќе ги загадуваат големите реки во Европа, жена во Индонезија направи маска за лице со провиден дел кај устата, за луѓето со проблеми во слухот да можат да разберат што им се зборува. Мистерија е како 57 морнари од Аргентина се заразиле со корона, иако 35 дена биле со брод на отворено море без контакт со други луѓе.

Светската економија се соочува со драматичните последици од пандемијата на корона вирусот, а рецесијата, која сѐ повеќе се продлабочува, е закана за опстанокот и на еврозоната. Во создавањето на новиот светски поредок и жолчната битка со „Длабоката држава“, твитер-профилите на најмоќните и најбогати луѓе и компании во Америка, кои се занимаваат со криптовалути, беа цел на хакерски напад каков што досега не се памети. Пред претседателските избори во САД во ноември, а во очекување на средбата Трамп-Путин на маргините од сесијата на Генералното собрание на ОН, шокантни се тврдењата на поранешниот главен стратег на американскиот претседател, Стив Бенон, дека Ковид-19 е всушност биолошко оружје и „Чернобил“ на Кинезите. Покрај економските, пандемијата донесе и многу климатски и биомедицински проблеми за нашата цивилизација, па студијата на угледниот американски научник Џеред Дејмон покажува дека судбината на човештвото ќе биде одредена токму во наредните шест месеци. А дотогаш, AI роботот „Ерика“ ја игра главната улога во научно-фантатстичниот филм „b“ вреден 70 милиони долари, на лондонскиот аеродром Хитроу роботи вршат дезинфекција, а на Сибир во Русија, хуманоиден робот заменува општински службеник.

Летото ја интензивираше тензијата во битката за вакцина против Ковид-19, зголемувајќи ја и политиката на национализам во борбата за пристап до таа вакцина, што ќе трае до 2022 година, што дополнително може да го уништи јавното здравје и економијата. Додека третина од Американците изразиле загриженост за сигурноста на вакцината против корона вирусот, а Бил Гејтс во интервју за Си-ен-ен потврди дека 80 отсто од светската популација ќе мора да се вакцинира, сите волонтери кои примиле доза од американската вакцина против Ковид-19 имале имунолошка реакција. Со фотодинамичка терапија која се користи за лекување онколошки болести, научниците од Новосибирск ја ликвидираа короната за 40 секунди, а во очекување на регистрацијата на руската вакцина во август која е ефикасна во создавањето антитела, руското министерство за здравство потврди дека вакцинирањето против Ковид-19 нема да биде задолжително, туку само со писмена дозвола на граѓаните. Како безбедна се покажа и оксфордската вакцина, поттикнувајќи имунолошки одговор кај 1.077 луѓе, па Велика Британија обезбеди ран пристап до 90 милиони дози, а првите вакцинации ќе започнат непосредно пред Божик.

Поради кризата, најголемите музеи во Европа неделно губат 600 илјади евра. За помош на театарските работници за време на пандемијата, британскиот бард на театарот и филмот Јан Мекелен донираше 40 илјади фунти. Бродвеј ја лансираше пејачката маска за заштита од короната со простор околу устата за удобно пеење. Трејлер по повод 164-от роденден на Тесла, го најави најновиот филм на Мајкл Алмерејда „Тесла“ за жестокото ривалство меѓу двајцата иноватори Никола Тесла и Томас Едисон, со Итан Хоук и Кајл Меклахлан во главните улоги. Во пожар што ја зафати големата готска катедрала „Свети Петар и Павле“ во Нант, Франција, целосно изгореа едни од најстарите оргули на светот. Србија се прости од големата уметница, диригентка и професорка Даринка Матиќ-Маровиќ, а неколку здруженија и асоцијации основаа Фонд на солидарноста за помош на уметниците и културните работници. Во Хрватска се одржа Сплитскиот музички фестивал, во тек се Дубровничките летни игри, а престижниот Пулски филмски фестивал е поместен за почетокот на септември.

Дури и со 40 отсто повеќе оздравени од Ковид-19 за една недела, Македонија само во еден ден имаше повеќе од 400 новозаразени. Според здравствените мерења и проценки на Универзитетот Вашингтон, до почетокот на ноември, од корона во земјава ќе починат 1.629 луѓе доколу не се почитуваат протоколите за заштита и продолжи олеснувањето на мерките. Македонија ја нема и на новата листа на ЕУ на земји на кои ќе им биде дозволен влез. 21-годишник од Германија донираше матични клетки за 68-годишен пациент од Кочани за првата трансплатација од несроден донор на Клиниката за хематологија. Иако германска експедиција потврди дека Охридското езеро постои 1 милион години и е најстарото езеро во Европа, Охрид се соочува со досега најслабата туристичка сезона. Целосно девастиран и заглавен во правните лавиринти, Домот на кралицата на ромската музика Есма Реџепова-Теодосиевска наместо Дом на уметноста и хуманоста за кој ќе се грижи Град Скопје, сега е куќа на ужасот како од хорор филмовите. По драстичното намалување на приходите на државните енергетски компании, можно е зголемување на цените на струјата и парното.

Со суровата суштина на современото општество, прикажана преку распадот на семејството заради душевните тегоби, проблеми и гревови кои како авети се пренесуваат од родителите на децата, се занимава и најпознатиот норвешки драмски писател Хенрик Ибзен во една од своите најважни драми „Сеништа“, напишана во 1881, а за првпат изведена во 1882 година во Чикаго на турнејата на една данска театарска трупа. Драматизирајќи го проблемот на вината и простувањето, преку ликовите на вдовицата Хелена Алвинг и нејзиниот син единец Освалд, кој заради гревовите на татка си заболува од сифилис и го губи разумот, Ибзен мајсторски ги открива ограничените видици на малограѓанскиот конформизам и животот заснован на лаги.

Кои се нашите сеништа кои ни го нарушуваат мирот, одземајќи ја и онаа малку надеж која ни остана? Какви се тие авети кои се кријат на темната, сè уште неосветлена страна од нашата индивидуална и колективна ментална фигура? Фатени како риби на суво помеѓу конзервативните сфаќања на средината и моралната ерозија на современиот свет кон кој безглаво итаме,  сè уште не гледаме зрак светлина што осветлувајќи ги аветите од нашите лични несреќи, гревови и пороци, целосно ќе ги разоткрие, а со тоа и уништи. Додека пред наши очи возвишените идеали се заменуваат со ноторни лаги за кои безумно е да се загине, а вистинските надежи, копнежи и соништа се претвораат во чиста утопија, нашиот живот станува проклетство во кое секоја следна генерација се бори со аветите на онаа претходната.

Минатото е збир од настани, а историјата толкување на тие настани кое му дава значење на минатото и негова смисла во сегашноста. Соочени со аветите од нашата историја, која секогаш ја пишувале победниците, никогаш праведниците, а нејзината ревизија станува ултимативен влог во просперитетот и иднината, ние всушност се бориме со сеништата од минатото кои нашите родители, нивните родители, родителите на тие родители никогаш не успеале да ги победат. Зашто длабоко во нас не е само она што сме го наследиле од своите татко и мајка, туку се и сите стари сфаќања и мртви верувања кои се пренесувале со генерации пред нас и од кои не можеме да се ослободиме. Токму затоа, најголем непријател на вистината и слободата по кои сега со крајни сили трагаме е токму компактното мнозинство на тие сеништата од минатото, на тие авети од историјата, заради кои ја пропуштаме сегашноста и не можеме да ја предвидиме иднината.

(Васил Зафирчев е актер)