Дневник од карантинот на еден актер (12)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Не сте ни свесни колку понижувачки е тоа – да ви го одземат единствениот предуслов со кој може да се оправда вашето постоење – а тоа е дека некој ве гледа…“              Том Стопард, „Розенкранц и Гилденстрен се мртви“ (Чин II)

 

Иако природата се обнови додека човештвото беше во изолација и карантин заради пандемијата, експертите предупредуваат за многу поголемо загадување и климатски промени што се влошуваат побрзо од било кога. Една третина од светската популација до 2070 година ќе живее во сахарски горештини. Европа уште годинава ја чека жешко лето, а на делови од стариот континент им се закануваат и голема суша, силни невремиња, шумски пожари и температури преку 40 степени. Со експеримент на Антарктик, научници на НАСА открија докази за паралелен универзум што се противи на законите на физиката и во кој времето тече наназад. Во Австралија е создаден најбрзиот чип во историјата на технологијата, кој постави светски рекорд во интернет брзината со 44,2 терабити во секунда. Франција стана првата земја која ја забрани употребата на сите пет пестициди поврзани со изумирањето на пчелите. На Огнената Планина во Индонезија еруптираше вулканот Мерапи. Во чест на медицинските лица низ светот кои се борат со Ковид-19 во Рига е поставена статуа од шест метри. Околу 11 илјади куни од фарма во Данска ќе бидат убиени бидејќи се заразени со корона вирус. „Анима мунди“ заедно со Државниот инспекторат за ловство спаси три мали волчиња, а кучето Медо во Белица спаси сè уште непроодено срнче. За заштита на планинските горили од Националниот парк „Вирунга“ во Конго актерот Леонардо Дикаприо донираше два милиони долари.

Корона вирусот не исчезнува. Светот е во нова и опасна фаза од неговото брзо ширење. Вкупниот број заразени на глобално ниво надмина девет милиони, а смртните случаи изнесуваат над 494 илјади. САД и натаму водат со најголем број инфекции или 25 отсто од сите пријавени случаи, но епидемијата најбрзо расте во Латинска Америка. Со над 268 илјади заразени, Перу ја надмина и Италија во вкупниот број заболени, а починаа повеќе од  8.700 граѓани. Новиот бран на инфекција во Кина, кој започна на најголемиот градски пазар во Пекинг, донесе мутирана верзија на корона вирусот. За половина година од избивањето на пандемијата научниците ширум светот регистрираа 100 различни мутации на короната. Преку трансмисијата меѓу луѓето, генетската структура на вирусот се менува, па постојано се појавуваат нови подвидови. Анализата на податоците покажува дека вирусот посилно ги погодува пациентите со коморбидитети, па околу 1, 7 милијарди луѓе, или повеќе од петина од светската популација, е во опасност од тежок облик на Ковид-19 поради придружни заболувања како срцеви болести, дијабетес и дебелина.

Само 10 проценти од инфицираните ќе развијат антитела на корона вирусот и ќе бидат „ковид елита“ или имуно привилегирани, а најголем дел од популацијата ќе има негативен резултат на тестот за антитела, дури и ако го прележале вирусот. Досегашните седум клинички студии проценуваат дека за да се постигне колективен имунитет против Ковид-19, годишно ќе треба да се вакцинираат 40 отсто од светската популација, или повеќе од 3 милијарди луѓе. СЗО објави дека од 133 кандидати за вакцина против корона вирусот, меѓу кои фармацевтски компании и универзитети, 10 од нив добиле одобрување за тестирање на луѓе. Покрај двете големи компании „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, кои веќе следниот месец почнуваат со тестирање на вакцина на голем број заболени, во август ќе започне и тестирањето на вакцината на Оксфордскиот универзитет и компанијата „АстраЗенека“. По завршување на клиничките испитувања во јули и добиената потврда за лекот во август, Русија во септември започнува со производтсво на вакцина. А до крајот на годината и Пентагон ќе има достапна вакцина, но само за дел од населението на САД. Според „USA today“, за целосен имунитет против короната, луѓето ќе мора да се вакцинираат двапати. Првата доза би требало да биде подготовка на имунолошкиот систем за препознавање на вирусот, а втората за зајакнување на имунолошкиот одговор. Интервалот меѓу двете дози би бил околу еден месец, а неколку години подоцна можна е и дополнителна доза како засилувач.

Кај нас вонредноста заврши и границите се отвораат. Политичката капмања е во полн ек, иако бројките на заразени и натаму растат. Болниците забрзано се полнат, па покрај монтажната болница и Детската болница во Козле се адаптира за Ковид центар. Иако иноваторот Димитрија Ангелков создаде прототип на првиот македонски паметен респиратор, на Инфективната клиника не е спасен ниеден пациент кој бил на респиратор. За развој на дигиталната медицина, Центарот за биоинформатика ја промовираше уникатната и иновативна апликација која лекува со звук и светлина, а на  Клиниката „Жан Митрев“ се секвенционирани и првите целосни геноми на корона вирусот од македонски пациенти. Податоците од „Мој термин“ покажуваат дека од почетокот на пандемијата близу 128 илјади термини се откажани или нереализирани, болниците примаат само итни случаи, со што стотици илјади пациенти се оставени на милост и немилост, а многумина од нив умираат бидејќи не се приоритет. Немањето одржлив раст на цените заради намалувањето на општата побарувачка, кризата со вработувањата и намалените приходи и натаму ќе предизвикуваат осиромашување на граѓаните и компаниите. Најголема жртва на корона кризата се малите компании, па од почетокот на годинава до јуни затворени се над 80 отсто од нив.

Нанесувајќи им голема штета на културата и уметноста и нивните институции, кои по повеќе месечното неработење се соочуваат со големи загуби, кризата само уште еднаш ја откри и ја потврди нивната целосна зависност од државата, но и нивната периферна позиција на интерес и одлуки. Без јасно дефинирани протоколи за работа, оставени сами на себе и на сопствениот креативен и кадровски капацитет, институциите на културата се предадени на адаптацијата како обид за преживување во кризата. За театарот, покрај смален број публика во гледалиштето, несомнено е дека ќе има и редукција на уметниците-изведувачи на сцената, што драстично ќе влијае на идната продукција, но и на уметничките содржини како дел од понудата.

Со прашањето за тоа кои сме ние актерите, што правиме „тука“ и каква е смислата на сето она што околу нас се случува се занимава ликот на актерот од  Стопардовата драма за маргиналните ликови од Шекспировиот „Хамлет“ –  „Розенкранц и Гилденстрен се мртви“ од 1960 година. Антологиски драмски текст на современата британска драма, според кој Стопард го режираше и истоимениот филм од 1991 година. И ние актерите, како и Розенкранц и Гилденстрен, исто како и Владимир и Естрагон на Бекет се обидуваме да ја откриеме смислата на постоењето, само од еден поинаков, театарски ракурс.

Каква е смислата на актерската професија во криза без сцената како единствено место за создавање илузија за животот? Па ние токму на сцената го правиме сето она што обичните луѓе го прават надвор од неа. Додека ги губиме основните контури на професијата, а заедно со нив формата и нивото, живееме во страв дека наскоро ќе заборавиме сè што знаевме. Но, за нас несигурноста е природна сосотојба. Затоа, секој ден учиме по нешто ново, се враќаме на импровизацијата, како почеток на секоја актерска приказна. Се однесуваме природно. Реагираме на ситуацијата. Условен рефлекс. Секако знаеме зошто сме „тука“ или поточно зошто би сакале да сме на сцената. Но што со вродениот талент за верно емоционално преживување и занаетот за уверливо умирање на сцената, кога обичниот човек, оној кој треба да гледа е сурово соочен со опасноста по животот и парализиран од стравот за личната егзистенција. Има ли тој уплашен човек во криза потреба од културна еманципација и уметничка катарза и каков ќе биде неговиот иден „хоризонт на очекување“?

Театарот и натаму е празен. Сцената е во мрак. Само со по некоја сценографска „белешка“ во просторот, залутан реквизит, заборавен костим. Како остатоци од некој поранешен сценски живот. Но без магијата на светлата, без смешните ликови и тажните херои, без нивните животни приказни на кои публиката секогаш безусловно им веруваше. Без аплаузот и воздишките, глуво е и во салонот. Само тишина во која со долго А одекнува нашиот глас во празнотијата на сценскиот простор. Но без оглед и наспроти сè, ние, актерите, сè уште се откажуваме од својот идентитет, сигурни во конвенцијата на својот занает – дека сепак некој ќе нè гледа!

(Васил Зафирчев е актер)