Будење

Лејла Сабит

Пролетно, по долга, студена зима, од длабок сон, од кома, по милион направени грешки, поради погрешни навики, одлуки, нездрав живот и премногу професионални обврски.

Ве будат кога ви е најслатко, ви навираат спомени од детството, кога како дечиња во кревет гушнати, не стануваме, а веќе време е.

Се будите навреме, прерано или предоцна, наутро или во животот.

Со сончевите зраци, со допир на сакана рака, нежно или болно, како ќе се разбудите, со ќеф или намрштени, така ќе терате цел ден или цел живот.

Пролетта и официјално затропа на вратата на природата и на нашите домови.

Од нас зависи дали ќе ја поканиме внатре, или ќе стои пред врата, дали ќе ѝ понудиме кафе или чај и ќе ги споделиме нашите радости и маки.

Пролетта го буди најдоброто во нас, ни ги враќа оптимизмот и енергијата, а  понекогаш ви ги активира алергиите и кон растителниот свет, одредени производи и луѓе околу вас.

Пролетта ни го носи сонцето, нè вади надвор, ве расоблекува и ве подготвува за долгото топло лето.

Пролетта, како и човечкиот карактер, може да биде променлива, а некогаш околу вас е пролет само доколку вие сакате.

Време е да нè огрее сонце.

И во природата, и во животот, и во работата.

Скопската и политичката шема се загреваат.

Почнува сезоната на убави жени, згодни фраери, нови претседателски кандидати, нови модни трендови, очила за сонце и по две мобилки на летна тераса.

Прашањето за нова „гардероба“ и претседател е следно на дневен ред.