Бизнисот од новата влада очекува итни мерки за спас


Од Сојузот на стопански комори очекуваат од новиот економскиот тим на Владата како приоритет во активностите да донесе мерки за спас и одржување на економијата, со оглед на тоа што кризата трае во континуитет веќе шест месеци

Итни мерки за спас на економијата очекуваат стопанствениците од новата влада, чиј избор е најавен на утрешната седница на Собранието. Очекувањата дека корона кризата ќе заврши во текот на летото се покажаа нереални, многу земји се подготвуваат за втор бран есенва, што сигурно ќе има и економски последици со оглед на бројните рестрикции за движење на луѓето, но и поради отежнатите економски текови. Мерките кои ги донесе техничката влада, пред се за поддршка за исплата на минималната плата во износ по 14.500 денари по вработен се веќе завршени.

Стопанствениците алармираат дека покрај отсуството на поддршка за зачувување на работните места, се поголем проблем со кој се соочуваат компаниите е одржување на ликвидноста.

Премиерот на техничката влада, Оливер Спасовски, вчера на последната прес конференција од оваа функција на која даде отчет за деветмесечното работење, рече дека веќе е подготвен четвртиот пакет мерки за поддршка на граѓаните.

„Веднаш по формирањето на новата Влада ќе биде донесен нов четврт пакет мерки со кои ќе им се помогне на четири категории граѓани“, рече Спасовски.

Станува збор за пензионерите кои имааат пензии под 15 илјади денари месечни примања, потоа за невработените лица – пасивни баратели на работа, за самохраните родители и за стечајците, кои ќе добијат домашна платежна картичка, рече Спасовски.

Но, Спасовски не беше конкретен дали и какви мерки ќе има за компаниите. Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека се разгледуваат и состојбите во стопанството и дека се има различни опции и за поддршка на бизнисите, односно за одредени стопански гранки.

„Таму каде што ќе има потреба државата ќе биде тука да помогне и на бизнисот и на граѓаните. Овие мерки кои ги кажав за пензионерите, за невработените пасивни баратели на работа, за самохраните родители и за стечајните работници, тие се четирите категории за кои сме разговарале и до сега и тие одлуки ќе се имплементираат веднаш по формирањето на владата“, рече Спасовски.

Од асоцијациите на стопанствениците укажуваат дека е неопходна помош и за реалниот сектор, каде што како последица од корона кризата се загрозени многу бизниси и работни места.

Приоритет треба да биде одржување на ликвидноста за сервисирање на основните трошоци и плати, како понатаму би можело да се работи на фаза на опоравување, вели Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори

Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија вели дека ССК очекува од новиот економскиот тим на Владата како приоритет во активностите да донесе мерки за спас и одржување на економијата, со оглед на тоа што кризата трае во континуитет веќе шест месеци.

„Состојбата во која се наоѓаат претпријатијата е незавидна, имајќи предвид дека последната помош која што ја имаа за зачувување на работните места заврши заклучно со месец јуни. Веќе втор месец нема никаква помош и поддршка за зачувување на работните места, а уште поголем проблем којшто се јавува и за кој алармиравме се големите потешкотии на оние кои работат во реалната економија во делот на одржување на ликвидноста. Токму затоа, приоритет треба да биде одржување на ликвидноста за сервисирање на основните трошоци и плати, како понатаму би можело да се работи на фаза на опоравување. Очекуваме соработка со деловната заедница и максимална посветеност за да не дозволи македонската економијата да стагнира и уште подлабоко да завлезе во рецесија“, вели Арсовска за Независен.

Во програмата за новата влада која што е доставена до Собранието, се предвидени мерки кои треба да се реализираат во наредниот четиригодишен период.

Во делот на програмата на идната влада, наречен „Трансформација на економијата (МК Рестарт) за забрзан раст и повисок стандард“, се вели дека целта е брзо да се преброди кризата и земјата да се врати на патот на растот и развојот, како и дека фокусот ќе биде насочен во спроведувањето на клучниот процес на трансформација на економијата.

Движењето на економијата ќе биде засновано на силен бран јавни инвестиции, директни домашни и странски инвестиции и најважно на иновации во сите сектори, со цел значително да се зголеми продуктивноста, квалитетот и додадената вредност на производите и услугите. Дигитализацијата станува суштински процес за економијата да стане поефикасна, квалитетот на животот повисок, а резултатите ефективни“, се вели во предлог програмата, и се додава дека за да биде успешна трансформацијата на нашата економија во динамична, отворена и конкурентна, се нуди стабилна макроекономска рамка, во која даночниот систем ќе биде предвидлив, ефикасен, праведен и сериозно ќе ја намали сивата економија и ќе ја поттикне приватната иницијатива и инвестиции.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера забележаа дека во програмата отсуствуваат мерки за итна поддршка на стопанството.

„Проекциите покажуваат дека помеѓу 150 до 200 милиони евра годинава ќе имаме помалку остварени приходи во однос на она што беше планирано со ребалансот. Мене ме интерересира да видам каков план има Владата во однос на ова прашање, а не што ќе се случува во 2022-23 година. Имаме компании кои што треба да го пребродат периодов, прашањето е како тие ќе преживеат сега. За 2022 ќе разговараме понатаму. Прво да одговорат што планираат до крајот на годинава по однос на приходите, по однос на мерките за стопанството. Гледаме секој ден што се случува, гледаме како расте бројот на невработени лица, значи тоа е резултат на проблемите со одредени компании како резултат на здравствената криза“, рече на прес конференција Гордана Димитриеска Кочоска, претседател на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ.

Стопанствениците исто така укажуваат дека и покрај тоа што поддршката за економијата беше планирана на околу 550 милиони евра, до сега се исплатени вкупно околу 70 милиони, вклучувајќи ги и ваучерите за граѓаните. Тоа, според нивните укажувања е малку и на стопанството му е потребна многу поголема поддршка за да може да се преброди кризата. (М.Ј.)