Антонио Милошоски хоспитализиран на Инфективната клиника


Неколку дена откако објави дека оди во самоизолација поради тоа што неговата мајка е инфицирана од корона вирус, досегашниот пратеник и носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во Петтата изборна единица, Антонио Милошоски, со симптоми на Ковид-19 е примен на Инфективната клиника во Скопје.

На Фејсбук тој објави дека бил примен на Инфективната клиника денеска во 16 часот, затоа што неколку дена имал покачена температура. Вчера направил тест за корона и тој бил негативен, а денеска имал уште еден тест, чии резултатит ги очекувале утре. Во статусот на Фејсбук Милошоски вели дека освен покачената температура нема други симптоми.

Милошоски самиот објави дека оди во самоизлоација пред четири дена, кога неговата мајка, инаку медицинска сестра, беше тестирана позитивна на корона вирусот, а тој кусо време пред тоа имал средба со неа.

Повеќемина политичари досега се заразени од Ковид-19, некои од нив се веќе излечени, а некои уште се во фаза на лечење. Меѓу нив е и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, а од корона вирусот беа заболени и градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, досегашниот пратеник од СДСМ, Мухамед Зекири и носителката на изборната листа во ИЕ2 на СДСМ, Сања Лукаревска.