Ако нема брз договор меѓу партиите, пописот ќе се одложи


Работните групи на власта и на опозицијата ниту неделава не се сретнаа за да разговараат за разликите околу пописот. Двете страни потенцираат оти ставовите им се толку различни што засега би било бадијала да седнат на заедничка маса.

Тоа значи дека виси и донесувањето на законот за пописот, без кој е невозможно изведувањето на статистичката операција најавена за април в година.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски вчера изрази надеж дека политичките партии и пратениците ќе најдат разбирање и време да се посветат на што поскоро донесување на законот за спроведување на пописот, бидејќи оваа операција, како што вели, е од исклучително значење за државата и за сите граѓани.

Се разбира дека пописот не може да пропадне, но може да има одложување, рече Симовски, одговарајќи на прашање дали е можно пописот да пропадне,со оглед на тоа што сѐ уште нема договор за законот. Дефинитивно, вели директорот на ДЗС, пописот ни е нужно потребен и мора да го спороведеме.

Дали тоа ќе биде во април или нешто подоцна – не знам, но ќе мора да го спроведеме. Се надевам дека ќе има попис во најскоро време, зашто тоа е нешто што е во интерес на сите граѓани на државата, а не во интерес на било која политика опција во парламентот“, оцени Симовски.

Според последните информации од преговарачките тимови, остануваат спорни барањата на опозицијата пописот да се одржи во 2021 година, за него да биде задолжено колективно тело составено од стручни лица, а не целиот процес да го води директорот на Државниот завод за статистика, кој е назначен од Владата. Власта и опозицијата имаат различни ставови и околу тоа дали попишувањето може да се врши само со матичен број или ќе мора да биде со лична карта, извод или пасош, кој ќе може да ги даде податоците за лицата што се надвор од државата, дали лицата што ќе се попишуваат електронски ќе се сметаат за резидентно население, колку попишувачи да има, дали на граѓаните ќе им се издава документ на самото место за да видат кои податоците се влезени во апликацијата…

Законот за попис е клучен затоа што без него не може да се распише оглас за попишувачи, простории и слично, иако веќе има обезбедено буџет. Законот во парламентот може да се донесе со апсолутно мнозинство од 61 пратеник што не е проблем за власта. Но, доколку нема договор со ВМРО-ДПМНЕ, можно е опозицијата да повика на бојкот, па целата операција да нема смисла. (Г.А.)