Џафери: Пратениците од опозицијата гласаа по сопствено убедување


Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери смета дека пратениците од опозицијата кои дадоа поддршка за отворање на постапката за уставни измени гласале по сопствено убедување, без притисоци или обиди за поткупување, и оти со својот глас го отвориле патот за евроатланската иднина на Република Македонија.

-Тој што тврди дека имало такви постапки и такви обиди би требало на соодветно место, до надлежните институции, да го аргументира и да го докаже. Не е својствено априори да се обвинат пратениците дека подлегнале на притисоци или уцени. Мислам дека ниту еден пратеник која ја поддржа одлуката не потпаднал кон притисок, туку била нивна чиста волја, рече Џафери во „Само Вистина“ на Канал 5.

Претседателот на Собранието рече дека кога мнозинството го известиле оти го имаат потребниот број пратеници за уставните измени тој ја закажал седницата. Одложувањето, додаде, било за да се овозможи тие кои се изјасниле дека ќе дадат поддршка да можат да дојдат во Собранието на седницата.

-Пратениците кои се изјаснија дека ќе дадат поддршка, доаѓаа од дома, кај беа по пат, тоа е работа која секој пратеник ја знае за себе. Јас сум добил потврда дека поддршка од тие и тие и тие пратеници имаме, а додека не се присутни нормално е јас како претседател на македонското Собрание да водам сметка за динамиката на одвивањето на седницата. Затоа и се случуваше одложувањето на времето на отпочнување на седницата, рече Џафери.

Тој очекува Владата да го запази рокот и до петок да ги достави нацрт амандманите до македонското Собрание за да почнат тие да се разгледуваат.

Пратениците од опозцијата кои дадоа поддршка за отпочнување на уставните измени, во петокот го известиле дека ќе делуваат како независна пратеничка група и оти координатор ќе биде Елизабета Канческа Милевска.

Претседателот на Собранието говореше и за иницијативата за формирање Координативно тело за помирување, и потврди дека независната пратеничка група, која беше и иницијатор за вакво тело како едно од нивните барања, утре до него ќе испрати официјален допис за негово формирање. Верува дека на следната редовна координација ќе биде договорено формирање на ова тело.

Во врска со предложениот закон за амнестија за 27 април од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Џафери истакнува дека апсолутно право на пратениците е да поднесуваат предлози, но дебата на крај ќе покаже која ќе биде судбината на овој закон.

Џафери се осврна и известувањето на надлежниот суд за правосилната пресуда за поранешниот премиер и сегашен пратеник Никола Груевски и можноста да му биде одземен мандатот и притоа рече дека известувањето го добил во петокот и го проследил до Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања. Таа треба во ток од 15 дена да донесе предлог одлука во која констатира потреба за одземање на мандатот или не. Потенцира дека еден од основите за одземање мандат е правосилна судска затворска пресуда. За да се донесе одлука за одземање мандат, рече, потребно е на пленарна седница да гласаат две третини од вкупниот број пратеници.