(Фото) Марјана, Лоба, Иванна, Тијана, Цеце и Јана: Невести на Саемот на венчавки во Скопје

Еднаш, два пати, три пати… или ниеднаш. Мажени или немажени, нашите славни манекенки, водителки и јавни личности сакаат да бидат невести. Желбата, личниот или професионалниот предизвик им се исполни синоќа, на 8. Саем на венчавки во Скопје, со тема „Во светот на Дизни принцезите“.

Топ-моделот Марјана Станојковска, која им носи среќа на Лото играчите, по четврти пат е невеста на Саемот на венчавки. Згодна, русокоса, маркантна, висока 175 см, со идеални пропорции 90-60-90 е меѓу најангажираните јавни личности.

-Можеби ќе ми се посреќи, петтиот пат да бидам невеста, ама во приватниот живот, ни изјави со насмевка Марјана.

Голем интерес, како невеста, синоќа предизвика Иввана Хаџиевска, некогаш славно лице од малите екрани, а сега шефица на протокол на премиерот Заев. Блесна во венчаница на дизајнерката Тања Кокев, чие заштитно лице е веќе 8 години.

-Мерак ми беше да се појавам во врвната венчаница на Кокев. И на работа и на гала настани, носам нејзина гардероба. Ми беше и предизвик да се потсетам како беше да си невеста. Веќе шеста година сум во брак со Влатко и сум подзаборавила, ни изјави синоќа Хаџиевска.

Поп-пејачката со ангелска убавина Викторија Лоба по втор пат е невеста на пистите.

-Уф, уште не ми текнува да се мажам, иако ми е убаво да носам венчаница на ревија. Не се чувствувам како мажена, само имам одговорност, до идната година да не се здебелам за Саемот, вели Лоба.

Поп-пејачката Јана Бурчевска која заплови во брачни води, седум пати досега била невеста на ревии. Синоќа беше атрактивна во венчаницата на дизајнерката Антонија Ристовска.

-Убаво ми е во улога на манекенка.Веќе ми е нормална работа да бидам невеста, особено за мојата пријателка Антонија која ме облече и лани за Евровизија во Киев, Украина, вели Бурчевска.

Регионалната ѕвезда Тијана Дапчевиќ, од шоуто на „Златна бубамара„ пристигна како модерна невеста во хотелот „Александар палас“ . Венчаницата и беше, всушност, продолжено сако, која таа со стил го износи на пистата и на крај се поздрави со „данкешен“.

-Не зна по кој пат, сум невеста на писта, ама никогаш не одбивам добра понуда. По добрата забава со сестра ми Тамара на „Златна бубамара на популарноста“, добро ми дојде да бидам невеста, пред враќањето во Белград, ни изјави Тијана.

Манекенката и водител Светлана Црнокрак безброј пат била невеста на ревија.

-Со Мики сме во брак над дваесет години, ама секогаш се чуствувам убаво кога ќе облечам венчаница. Мислам дека така се чувствува секоја жена, вели Црнокрак.

Во стилот на Дизниевите бајки синоќа беше направена пистата на отварањето во хотелот „Александар палас“, а големата сала беше претесна да ги прими сите гости и идни двојки кои ја имаа ретката можност да поразговараат со нашите славни дизајнери за најважниот ден на една двојка и нивното семејство. Викендов, на саемот ќе изложуваат и педесетина учесници од сите категории потребни за организација на венчавка. Организатор, како и секоја година е интернет магазинот „Во бело“.

Л.Сабит   Фото: Б. Грданоски