Прегратка

Лејла Сабит

Интимна, официјална, срдечна, воздржана, во четири очи или за јавност.

Буди емоции, наклоност, згрозување, озборување, аплаудирање или осуда.

Може да биде спонтана, намерна, случајна, планирана, по протокол или да ги крши правилата на однесување.

На висока позиција или не, претседател или работник, може да ви помогне или одмогне, да ви собере или одземе поени, да ви создаде нови пријатели или непријатели, да ви предизвика симпатии, љубомора или завист.

Прегратката може да има силно влијание, да крене прашина, да предизвика скандал, да заврши со среќен или трагичен крај. Зависи дали живеете на Запад, Исток или на Балканот.

Меѓу мажите е нормална работа, меѓу жените е знак на блискост, меѓу маж и жена може да се протолкува како пријателство или врска. Исто кога пиете кафе.

Прегратките со вашите или други деца се најнежни, најискрени и најтопли и не можат да се споредат со ништо и кога ќе пораснете. И кога ќе остарите, ги чекате со нетрпение прегратките, па нели старите се како деца!

Како и да е, во животот и во работата гушкате, ве гушкаат, од култура, заради честитање, зашто сакате, имате потреба, зашто сте блиски со некого, зашто со една прегратка подобро се чувствувате, зашто барате сигурност или ви треба поддршка.

Топла, студена, одглумена или претерана, секому барем еднаш му треба прегратка, зашто сме луѓе со помала или поголема самодоверба, емотивни или рационални по карактер, растени во среќен или растурен дом, по наша, друга или ничија вина.

Прегратката не може да се дозира како лек, не може да се препише на лекарски рецепт, зашто секој има свој рецепт за успех и благосостојба во животот и работата.

Браво Колинда, за твоите спортски прегратки зборува цел свет, од ќеф или сеир, сеедно!