Пластика

ЛЕЈЛА САБИТ

Во Скопје, каде и да погледнеш околу себе, пластика.

Расфрлана како ѓубре и како естетски тренд на лицето и телото на нашите славни личности и сограѓани.

Ѓубрето од ден на ден се зголемува, а расте и бројката на жени (и мажи) со зголемени усни, затегнати образи, вештачки исполирани заби, поткрената брада, силиконски гради и задница, вештачки трепки и надградена коса.

Што е најчудно, никој не сака да зборува ниту да признае, сите лажат дека не фрлаат и дека сè на нив е дело на мајка природа.

Зошто ни е полесно да загадуваме отколку да ги исчистиме отпадоците, зошто повеќе уживаме во вештачка отколку во природна убавина?

Зошто повеќе сакаме да нè озборуваат отколку да нè фалат, да ни се чудат отколку да ни се восхитуваат, да го вртат погледот отколку да нè гледаат во очи?

Дали изгледот е навистина релативна работа и лична одлука без општествена одговорност, дали навистина со естетските операции ја зголемуваме самодовербата и ја продолжуваме младоста?

Дали незадоволни од изгледот, всушност, сме незадоволни од животот?

Муабетите за нови чевли, чанта или кола, сега во Скопје се заменети со дали се боцкаш со ботокс, колаген или хијалуронска киселина.

Дали си поминал поевтино или поскапо, успешно или неуспешно, кај домашен или странски доктор.

Дали личите на холивудски или бугарски модел.

Како жена, на 30 години сте веќе тетка, а на 50 сте одамна госпоѓа.

Како маж, и на 20 и на 70 години сте мангуп.

Тука и во светот, ова е време на мејкап артисти, стилисти, фризери и естетски хирурзи кои ве прават полни однадвор, а празни однатре.

Во најлошите случаи, пак, не ќе можете да се гледате во огледало или пак ќе живеете во илузија дека нема поубави од вас.

А брчките? Зошто по 40-тата година никој не ги сака?

Тие се сведоци на целиот ваш живот, кариера и нега, вашите искуства, добри и погрешни одлуки, замор или одмор,  дека сте искусни и мудри, а не млади и зелени.

И меѓу светските ѕвезди ботоксот погодил или утнал, некој се направил чудовиште, а некој старее достоинствено.

Што да изберете, со здравје да го носите!

И ѓубрето во канта да го фрлате!