Османи: Охридскиот договор да се прецизира во Преамбулата на Уставот

Охридскиот рамковен договор е решение за мултиетничка Македонија и треба да се прецизира во Преамбулата, рече вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во вечерашното гостување на телевизија Телма.

-Во Преспанскиот договор е предвидено прецизирање на АСНОМ со дефинирање на Прогласот како основен документ. Ние сметаме дека при дефинирање на конститутивните документи на државата е логичен след на чекори, што не е барање само на Албанците, туку на сите политички партии во државата, бидејќи Охридскиот рамковен договор е вклопен во Уставот со амандмани, само што не е споменат како документ. Логично е за да има една целина на конститутивните елементи на државата хронолошки да се Крушевската Република, Прогласот на АСНОМ, 8 Септември и Охридскиот рамковен Договор, рече Османи.

Тој додаде дека сите кои ги има контактирано, пратеници, политичка елита, експерти, никој не кажал дека Охридскиот договор не е инклузивен.

Османи рече дека нацртите не се дефинирани и оти очекуваат до крајот на неделата, односно до петок да се дефинираат.