Османи: Не се согласуваме со предлогот од ВМРО-ДПМНЕ за амнестија

Во вечерашното гостување на телевизија Телма, на прашање во врска со идејата за помирување, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи  вели дека и како член на ДУИ и како вицепремиер ја поддржува идејата на премиерот Зоран Заев за неопходноста од помирување.

-Ја поддржуваме идејата за помирување, но она што ќе го промовира принципот на неказнивост во оваа држава е неприфатливо. Не се согласуваме со предлогот од ВМРО-ДПМНЕ за амнестија, но поддржуваме формирање на координативно национално тело за помирување во Собранието, вели Османи.

Во контекст на тоа додава дека координативно тело треба да го водат пратениците, а не претседателот на Собранието, затоа што, како што додава, дава друг карактер на тоа тело.

– Наш став е дека директните извршители на насилство од 27 април и нарачателите на насилствата не смеат да бидат предмет на било какво помилување. Доколку имало луѓе кои се колатерална штета, кои се нашле таму и немале намера да направат штета, но биле таму, тогаш треба да бидат дел од разгледување на координативното тело, вели Османи.

Вицепремиерот во оваа прилика истакна дека нема поголем национален албански интерес од членство на Македонија во НАТО.

Во корпусот на албански прашања, како што рече, на прво место е НАТО, тоа е национален интерес на Албанците. – Затоа ние како партија која ги претставуваме Албанците не го гледаме ова како одложување на некои албански прашања. Се разбира дека ваквите предлози од албанските партии се за да добијат политички поени, вели тој.

Османи додаде дека нема да имаме втора шанса ниту за Преспански договр, ниту за НАТО, а можеби за Европската унија во наредните 100 години.