Од реклама на автобус на ЈСП му остануваат само илјада денари месечно

ЈСП „Скопје“ заработува само илјада денари месечно за брендирање на еден автобус, поради штетниот договор со фирмата „Маратон“, кој во јуни лани го склучила минатата градската администрација, го информираше вчера Советот на Скопје градоначалникот Петре Шилегов. Сообраќајното претпријатие идната година ќе треба да добие субвенции од 250 милиони денари заради тешкотии во работењето. Една од причините за таа состојба, според Шилегов, е и овој договор, од кој ЈСП би можел да профитира многу повеќе.

Советникот од Социјалистичката партија, Јован Лазарев, посочи дека многу граѓани се против новиот тип реклами кои го прекриваат целиот автобус бидејќи ја спречуваат прегледноста.

„Граѓаните се чувствуваат како да се наоѓаат во тунел, покриени се и прозорците, па не знаат на која постојка се наоѓаат“, рече Лазарев.

ЈСП, информира Шилегов, според договорот во секое време да мора да обезбеди одреден број автобуси на кои ќе бидат поставувани реклами на надворешната страна и на дисплеите внатре во возилата, а за тоа добива минимален надомест од околу седум илјади денари, што е нелогична и неекономска сума, бидејќи откако ќе се минусираат сите трошоци, на ЈСП од реклама на еден автобус му остануваат само илјада денари месечно.

„Договорот е склучен на десет години, но во моментов правиме сè да го раскинеме бидејќи е штетен. Дотогаш граѓаните ќе мора да се возат во тунел“, вели Шилегов.

Субвенционирањето на јавниот сообраќај од градскиот буџет е пракса од 2008 година. За 2019 година за таа намена се предвидени вкупно 6,5 милиони евра. Покрај 250 милиони денари кои ЈСП ги добива за да работи рентабилно, од буџетот на Градот се субвенционира и функционирањето на автоматската локација на возилата и системот за интелигентна наплата, за што се одвојуваат 50 милиони денари. За бесплатното возење на пензионерите четири дена во неделата и за студентите на државните универзитети, ЈСП Скопје од Градот идната година ќе добие дополнителни 100 милиони денари, или 1,6 милион евра.

„Субвенциите за јавните претпријатија не се нова работа. Конкретно за ЈСП во 2017 година Градот дал 250 милиони денари, а годинава со рационализација на работата успеавме да исплатиме 100 милиони помалку. Се надеваме дека за неколку години ќе дојдеме до ситуација на јавниот превоз во Скопје да не му требаат субвенции, што не е случај ниту во многу побогати градови“, рече Шилегов.

Освен сообраќајното претпријатие, помош од буџетот идната година ќе добијат и „Градски паркинг“, за тешкотии во работењето од 15 милиони денари, и за пунктови и за набавка на велосипеди за изнајмување еден милион денари. ЈП „Улици и патишта“ за ЦУКС ќе добие шест милиони и за набавка на возило пет милиони денари. „Комунална хигиена“ ќе добие субвенции од три милиони денари за набавка на опрема и за одржување на „Вардариште“. „Паркови и зеленило“ ќе добијат три милиони денари за „Фестивал на цвеќето“, како и дваесет милиони денари за тешкотии во работењето.

Сања Наумовска