Нацрт-амандманите до крајот на неделава ќе пристигнат во Собранието

Нацрт-амандманите за измена на Уставот на Република Македонија, согласно договорот од Преспа, а кои во себе ќе ги содржат и барањата на осумтемина пратеници од опозицијата, кои му дадоа поддршка на отпочнувањето на процесот за уставни измени, во Собранието треба да стигнат до крајот на неделата.

Ова го изјави денеска премиерот Зоран Заев, по консултативната средба, која заедно со министерката за правда Рената Дескоска и шефот на дипломатијата Никола Димитров ја имаше со пратениците од опозицијата, кои веќе дејствуваат како независна пратеничка група.

Тој посочи оти консултациите ќе траат со сите пратенички групи со цел да се запази законскиот рок, кој и беше даден на Владата, односно 15 дена за изотвување на нацрт-амандманите и нивно доставување во Парламентот, а кој истекува в сабота.

На денешната консултативна средба било разговарани за сите четири точки, колку што доставија пратениците од опозицијата, кои го поддржаа отпочнувањето на процесот за измена на Уставот.

-Темата на денешната консултативна седница беше постапката на изготвувањето на нацрт-амандманите. Разговараме токму за оние први три точки од вкупно четири коишто беа испорачани до мене како претседател на Владата и до Владата како правно формални изготвувачи на нацрт-амандманите, да бидат вградени токму оние елементи коишто исто така се важни за нив. Можам да констатирам дека во тој дел на дебата изнајдовме конкретни насоки коишто ни беа дадени за нас како изготвувачи на нацрт-амандманите, рече Заев.

Биле усогласени конкретни насоки – делот за зајакнување на македонскиот идентитет, гаранцијата дека процесот ќе биде истеран до крај и нема да биде повторно блокиран од Грција, односно дека уставните амандмани ќе влезат во сила со рафитикацијата во грчкиот Парламент и во делот на внатрешната примена на новото име.

– Сега ќе ги изработиме и пред да ги официјализираме преку Парламентот ќе ги исконсултираме уште еднаш, ќе ги предочиме на новата пратеничка група за да можат да дадат потврда и очекуваме дека до крајот на работната недела и ќе ги формализираме до самиот Парламент, рече Заев.

Втората тема, за која денеска разговарале Заев, Дескоска и Димитров со опозициските пратеници од  новата пратеничка група е создавањето на кординативното тело кое треба да работи на процесот на помирување во Република Македонија.

Заев појасни дека телото ќе биде предводено од претседателот на Собранието, Талат Џафери, доколку тој прифати, во него ќе има тројца членови од новата пратеничка група, како и координаторите на сите пратенички групи во Парламентот.

-Со формирањето на телото ќе биде разработена целата методолигија, модалитетите, аспектите на самото национално помирување, нагласи премиерот.

Во телото треба да се вклучат пратеници од сите политички партии, рече Заев и додаде дека тоа треба да го стори и ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи оти не би навлегувал во внатрешните работи на партијата.

На прашањето дали е потебна консултација со грчката Влада, Заев рече дека тоа не го предвидува договорот од Преспа, но во духот на договореното кога ќе биде дефинирано се ќе биде исконсултирана и грчката страна.

-Драго ми е што освен парлмантарното мнозинство и дел од опозицијата е свесен за овој аспект. Верувам дека ќе ги изнајдеме најдобрите механизми тоа да го преточиме во текстот, кој би бил реално спроведлив, но и кој би ги исполнил барањата на оваа пратеничка група од осум пратеници, но не би биле проблематични за грчката страна. Јас секако очекувам кога ќе ги завршиме нацрт-аманадманите да се приклучат и оние пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои досега не се приклучија во делот на процесот на  гласање за отворање на потребата од промена на Уставот. Останувам со желба бројката да биде не 120, туку 110, нагласи премиерот.

За, СДСМ, вели Заев, предлог-законот за амнестија е неприфалив. Тој додаде дека откако ќе се формира националното тело за помирувањее низ него ќе треба се најдат механизмите за помирувањето.

-Процесот почна во Македонија и затоа го формираме ова тело, тука во рамки на невлијание врз правниот систем, во него ќе најдеме механизмите како тоа да го постигнеме, а ваквиот начин на пост фестум, откако се се реши да се наметнуваат такви решенија апсолутно ќе го девалвира целиот правен систем, додаде тој.

Порача дека координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе има можност во тоа тело да ги престави сите апскети на помирувањето.

Пратеникот Зеќир Рамчиловиќ по средбата потврди дека се разговарало за барањата што ги упати оваа група пратеници по поддршката на отворањето на процесот за уставни измени.

Нашите предлози во најголем дел, рече тој, за Владата се прифатливи и оттаму ветија дека ќе ги вградат во нацрт-амандмани. Потоа, додаде Рамчиловиќ треба да ги испратат до нас и да видиме дали тоа е направено.

Според него со гласањето „за“ отворање на уставните измени  тој не отстапил од ставот на Здружението за културно обединување на Бошњаците – АВАЗ дека ќе ја почитува волјата на мнозинството од  македонскиот народ во врска со ова прашање.

Референдумот, потенцира тој, заврши како што заврши, а процесот се префрли во македонското Собрание. Таму мнозинскиот дел од македонските пратеници гласаа „за“ и затоа рече, мислам дека не отстапив од тој став.

Тој вели дека наскоро ќе поднесат иницијатива за координативното тело за помирување, кое, како што вели, ќе ги разггледува сите иницијативи кои ќе пристигнат до него, а можат да придонесат за суштинско помирување по сите основи во нашето општество.