Мода

ЛЕЈЛА САБИТ

Модата беше лична работа, сега е глобална машинерија, сеирџиска и профитабилна професија, секој те анализира, ти ѕирка во плакарот, те фали или плука, веќе не си свој, туку им припаѓаш на сите.

Сите знаат сè за модата, а всушност се бројат на прсти, сите станаа блогери, а не знаат да се облечат, сите се претставуваат за модни инфлуенсери, а немаат стил, а камоли влијание.

А што е модно влијание? Да кршиш правила, да си славен, да се облечеш во стилот „све ми боје лепо стоје“, да носиш штикли по калдрма, да се сликаш на сите настани, да објавуваш на социјалните мрежи, да ти стават лајк или дислајк, да те има нонстоп на Фејсбук, да си кажеш -јас сум најдобра, повеќе шетање отколку мислење или коментар, подобро да ме има отколку да ме нема.

Ароганцијата се меша со (не)знаењето, образованието – со интернет, вкусот со кич, младоста со мудроста, искуството со неискуство, анонимноста со експонираност, скромноста со фалбаџиство.

А всушност модата е секогаш иста, и тогаш и сега, се враќаат старите трендови, она што е ретро сега е модерно, она што беше стил сега е модерен хаос, дозволено е мешање на сите бои, нема веќе чанти и чевли во тон, ПВЦ-материјалот ја надминува кожата, радоста на шопингот е заменета со едно стискање копче, не моратe да пробате модели – сè имате онлајн.

Имањето и немањето пари нè менуваат како луѓе, не сме задоволни од себе, од својот изглед, работа и опкружување, околината не нè сфаќа или не нè почитува, од културни стануваме безобразни и безобѕирни кон себе и кон другите, мака мачиме со килограмите, со негативната енергија, никако да се ослободиме од зависта и суетата, не можеме да простиме успех, изглед или популарност кај другиот.

Природното кај себе го менуваме со операции, се стремиме кон лично совршенство, а се гадиме од туѓо несовршенство, наводно, не се мешаме едните со другите, кралеви со просјаци, нормални со ненормални, чесни со криминалци, а сè е обратно…

Јавно, интересот и понатаму останува главното правило и тука и таму за дружење, соработка, кафе-муабет и патувања. И понатаму ќе глумиме ангели, а всушност во себе сме останале истите ѓаволи кои не ја симнуваат насмевката од лице, а во себе повраќаме и во тесен круг озборуваме.

Модата оди напред-назад, ние со стилот само назад, Македонките повеќе личат на пластични кукли отколку на фамфатал, ако сакате да видите дама во животот и на писта, гледајте филмови од 60-тите и 80-тите години или ревиите со супермоделите, никогаш ненадминати.

Нема подобра музика од онаа од 80-тите – затоа сите ја копираат или ѝ прават ремикс-верзии.

Модата ќе постои и утре, ќе носиме или ќе мечтаеме за „Шанел“ или „Луј Витон“.

Никој не прашува колку ни е убаво во своја кожа, ама не сакаме ниту да сме во туѓа кожа.

Ќе се видиме на Моден викенд во Скопје во ноември, па ќе видиме кој е инфлуенсер, а кој онлајн.

Бујрум во Музеј на град Скопје!