Камин

Лејла Сабит

Раскажува зимска, топла и романтична приказна.

Планирана или спонтана.

Трезна или пијана.

На светло, во мрак или на свеќа.

Сами, во двојка или во друштво.

Дома, на гости, на викенд, на одмор или на планина.

Дотерани, кежуал или во пижами.

Со чај, кафе, вино или жесток пијалак.

Во тишина, на музика или на врева од муабети, смеење или плачење.

Огнот во еден момент може да биде точка од која не го тргате погледот или филмска лента низ која галопираат разни чувства, мисли, спомени, желби, надежи, очекувања и разочарувања.

Без да знае или сака, ги спојува радоста и тагата во едно.

Ви се мешаат јавето и сонот, Скопје и Холивуд.

Во еден миг џебовите ви се полнат со пари, а во друг миг, ви се празнат.

Преку ноќ станувате славен или анонимен.

Така е тоа во животот.

И во Македонија и во Америка.

Час си горе, час си долу, час си на позиција, а час – опозиција.

Ништо не трае вечно, ниту вечно гори.

Каминот во домот и огнот на љубовта.

Скопските боеми пак велат дека во „Камин Чамо“ се случуваат чуда.

Ама тоа е друга приказна. Типично македонска, иако таму мезел славниот Ричард Гир.

На здравје!