Денес е најголемиот ден за шопинг во годината: Црн петок за ќеф или еуфорија?

Продавниците, големите трговски брендови и трговските центри низ Македонија го најавија најголемиот шопинг-ден во годината – црн петок (Black Friday). Со овој ден, официјално започнува предновогодишното шопинг лудило, а сите трговци со нетрпение го очекуваат.

Оваа кампања застапена на глобално ниво потекнува од Америка. Во Америка црн петок е веднаш после Денот на благодарноста. Со овој ден се означува почетокот на големата божикна шопинг-сезона и е најпрометен ден во малопродажбата. Не е прогласен за празник, но во Калифорнија и во некои други држави во Америка на овој ден државната администрација е ослободена од работа.

За разлика од традиционалните акции за црн петок во Америка, каде што најголемиот акцент на попустите се става на белата техника, концептот на попусти што се практикува во Европа е повеќе насочен на производи од текстилната индустрија. Исто така, суштинска разлика е тоа што во Америка постои лимитирана понуда на намалени производи, односно попустите се однесуваат само на 100 до 200 парчиња. Од друга страна, пак, во Македонија и останатите балкански држави, трендот е сосема различен: нема драстични попусти до -80% или -90%, но затоа, пак, имаат поголема резерва на производи која им е понудена на потрошувачите.

Она што се фудбалот, риболовот и кафеаните за мажите, тоа е шопингот и трошењето за жените.

Ќеф, задоволство, уживање, среќа, забава, еуфорија, терапија, манија…

Жените никогаш не сфатија во што е убавината кога мажите трчаат по топка или со часови ловат риба.

Мажите никогаш не сфатија зошто жените идат на шопинг кога имаат премногу облека која ниту еднаш не ја облекле.

Совети за шопинг:

Купувајте без партнерите зашто немаат трпение и само негодуваат.

Купувајте со најдобрата пријателка или сами.

Не купувајте во друштво.

Различни се интересите и можете да останете без ништо и плус да бидете фрустрирани.

Купувајте со цел. Отворете го гардероберот и видете што ви фали.

Купувајте квалитетна облека од природни материјали. Цената нека не ви биде ориентација. Кај нас и скапата облека знае да испадне бофл.

Верувајте им на своите инстинкти. Помина времето кога можевме да им веруваме на продавачките. Чест на исклучоците.

Совети пред Нова година:

Почнете од сега да купувате подароци за да го избегнете стресот. И малите подароци се знак на внимание.

За најлудата ноќ се прават најголемите модни грешки. Бидете во свој стил, а не да заличувате на новогодишна елка.

Лејла Сабит