Вино

Лејла Сабит

Во виното е вистината.

Кој ве сака или мрази, кој ја сака Македонија, или лаже, кој ви е пријател, а кој непријател, на кого можеш да му веруваш, а од кого да бегаш со глава без обѕир.

Пијани или трезни, вистината боли, лагата уште повеќе, а кога ќе ве предадат најмногу. Семејството, блиски, патриоти, тие што треба да ве чуваат и бранат, да ви обезбедат сигурен дом, држава и иднина и влез во европското семејство.

Со виното сме веќе во Европа. Наше, а светско. Бренд со мирис на македонските лозја, почва, сонце, ветер и дожд, вкус, знаење и технологија.

Го пиеме за радост, од очај, за утеха, кога славиме или кога тагуваме.

Со познати, со непознати, намерно, случајно, спонтано или со покана.

Скапо, евтино или наливно.

Црвено, бело, шприцер или бамбус.

Дома, на гости, во скап ресторан, во биртија, во винарија или на воздух.

Во тоалета и костум или во фармерки и јакна.

Виното ве зближува или разделува.

Ве опива или ви го продолжува животот.

Во еден момент избирате дали ќе бидете пијани или стари.

Дама и господин, или пијаници и лузери.

Не секој се разбира во добро вино, ниту избира вистинско друштво и вистинско место.

Ама дружењето со вино ни го прави животот поубав, се смееме на анегдоти, се навраќаме во минатото, размислуваме за сегашноста и не мислиме на иднината.

Со виното се ужива моментот, сега и тука.

Не е битно дали утре ќе се разбудиме мамурни или ќе сфатиме дека сме предадени и во друга држава.

Животот продолжува со низа лузни кои нема да ги снема туку ќе нè потсетуваат на минатото, на она што сме биле и на она во што сме се претвориле.

И во Македонија и во Европа!