Шлаканица за лидерот на политички игри


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Најзагрозени во Собранието не беа здравите туку болните пратеници што мораа да дојдат да гласаат – место да се лечат дома

 

Претседателот Стево Пендаровски само бекнал пред „стопанот“ (Зоран Заев), а лидерот на политичкото подземје Христијан Мицкоски „грмел“.

Вака се гледа себеси во огледало лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и се лаже дека е некаков си фактор во општеството, дека се тресат сите од неговата политика, дека контролира нешто во Македонија, дека грми, а поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и јавноста тоа го сакаат. Додека не се сети Никола Груевски дека треба да го исклучи од „струјата“ за да не ѝ прави повеќе штета на партијата, Мицкоски нема да грми, туку ќе го загадува политичкиот простор, така како што го правеше тоа изминатите неколку месеци додека трае здравствената криза.

Ако се тргнат настрана откриените финансиски афери, за што јавноста му е благодарна бидејќи тоа е работа на опозицијата, останува иритирачката, примитивна, приземна и несоодветна реторика за еден лидер и политичар. Последната реакција за потписот на претседателот Пендаровски на мерките за економска помош не е само омаловажување кон највисоката функција во државата, туку и омаловажување на сите оние кои го избрале, сите оние кои ги претставува и омаловажување на самата држава – на ниво на чашка муабет од зачадена кафеана каде што се собира најевтина клиентела.

Ваква реакција се очекуваше секако од Мицкоски кој инвестираше со месеци во политичката блокада на Собранието сакајќи така да ја урне владата, но викендов доби шлаканица. И тоа не обична, туку во скафандер, па сега мора да драматизира колку им биле загрозени животите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои седеа во друга сала, иако најзагрозени беа двајцата пратеници што мораа да дојдат во Собранието за да гласаат, место да се лечат дома.

Благодарејќи на неговата политика, неговата партија изминатата недела беше претставена како карикатура во парламентот – теледиригирани пратеници кои влегуваат, се запишуваат за дневници и излегуваат, додека спикерот Талат Џафери  им ги чита гласно имињата за да знаат сите кои се тие што со валкан образ ги претставуваат граѓаните. Целата машинерија од партиски ботови и плукачи беше пуштена во погон за да го покрие овој пораз, но и да глуми згрозена јавност бидејќи пратениците на ВМРО-ДПМНЕ останаа со прстот во уста и не успеаја со политичката опструкција. Не успеаја ни да одглумат загрижени политичари гласајќи за трите задоцнети плати на 60.000 вработени на кои им е загрозена егзистенцијата, бидејќи коалицијата на СДСМ сама си ги изгласа мерките. И, што е уште пострашно за ВМРО-ДПМНЕ, која спречува онлајн гласање во Собранието, иако така се состануваат и шефовите на државите и владите во ЕУ и така функционираат парламентите во целиот демократски свет – нивната блокада и на другите сателити од опозицијата веќе нема ни моќ, ни значење. Остана само лошата намера да се запре нормалното функционирање на државата и да се профитира од една од најлошите кризи што се памети досега, која наметна енормни трошоци за лекувања, енормни трошоци за економска помош и енормни задолжувања. Колку полошо за Македонија, толку подобро за ВМРО-ДПМНЕ, е политика која Мицкоски ја наследи и доследно ја унапредува.

Во јавноста, надвор од ботовите, ваквиот начин на водење политика во Собранието беше оценет како мачен, нечовечен, неодговорен и неморален, без чувство за потребите на граѓаните и без емпатија. И додека граѓаните се згрозуваа од игрите, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се „згрозуваа“ што болни пратеници дојдоа да гласаат во скафандери, бидејќи немаше друг начин да продолжи со работа Собранието и да им се стави крај на уцените. Како пратеници или немаат контакт со реалноста или, пак, глумат така, бидејќи болни од ковид, и тоа без скафандери, има во аптеките, во самопослугите, во јавниот превоз, во фабриките, во градинките, во рестораните, и толку се многу што одамна никој не бара од нив да седат дома, ниту пак некој ги проверува.

Откако тепањето на 27 април во ВМРО-ДПМНЕ го оценија како патриотизам, смешно е Мицкоски да тврди дека доаѓањето на пратениците заболени од ковид е тероризам и дека треба кривично да одговараат, без оглед што имаат имунитет и се речиси недопирливи. Сакал да признае или не, Мицкоски ѝ отвори пат на власта да востанови нов начин на гласање во парламентот, а одбивајќи да прифати онлајн учество на болните пратеници, нема аргументи да тврди дека не треба така. Може да се лути колку сака и да бара друг начин како да ја урива владата, но мора да има предвид дека правејќи ја државата нефункционална со блокадите, и омаловажувајќи ги ривалите со кафеански речник, го симнува многу ниско  нивото и на својата партија, па и нам еден ден ќе ни се случи ИМА ТАКОВ НАРОД како на Бојко Борисов во Бугарија – некој што од шоу програма директно ќе заврши во премиерската фотелја. Тогаш и СДСМ, но и ВМРО-ДПМНЕ ќе станат историја, бидејќи зависат една од друга и бидејќи никому нема да му треба нефункционална власт и штетна за државата опозиција.