Почнува најдолгата априлијада


ЕРОЛ РИЗАОВ

Од денеска, први април, на празникот на шегата, почнува најдолгата априлијада. Ќе нè лажат и ќе се шегуваат со нас дење-ноќе 35 дена, а многу веројатно и нешто подолго. Разликата меѓу овој април и претходните месеци не можете да ја забележите баш најдобро, бидејќи играат мајтап и нè лажат со години и тоа многу успешно, на што навикнавме до отапување поради што вистината стана тешко видлива, а и кога ќе се открие е небитна. Таа е прилично непријатна и здодевна во споредба со убавината и возбудливоста на лагата. Априлилили е извик на откриена лага, „светски“ празник на шегата, но и  на убави маски и многу радост со почеток на пролетта, а во некои земји го есапат како почеток на годината. Кај нас, овој април може да означи и почеток на нова ера ако конечно откриеме што е лага, а што вистина.

Овој април тие што ќе нè лажат најмногу не е детска шега, иако на тоа наликува. Има и уште една суштинска разлика. Во првоаприлските шеговити лаги нема навреда, нема омраза и лошотилак, нема делби и зла крв. Има само смеење. Арно ама, сега ќе нè лажат сериозни луѓе, универзитетски професори, научници,  впрегнати во партиски чези да покажат кој подобро лаже. Несреќата е во тоа што луѓето сакаат да веруваат во овие лаги, така се чувствуваат подобро. Навиваат од петни жили за својот лажач. Има и среќници што ќе се смеат, иако ич не е до смеење.

Погодувате. Почнува предизборната кампања за избор на претседател на државата. Од денеска и официјално е отворена сезоната на предизборно слободно  лажење, иако и досега се одвиваше непречено покрај апелите на многу авторитетниот претседател на ДИК, кој кога повикува за воздржување од кампања повеќе наликува на штитеничка од редот на Мајка Тереза, отколку на шеф на Државна изборна комисија.

Нејсе, што мислите за еден спектакуларен почеток на претседателски кандидати во дефиле со маски по улиците на престолнината? Си мислам во што е најдобро да се преправат и кои маски најмногу би им одговарале на нашите двајца татковци и една мајка? За непартискиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, прво што помислив е дека добро би му стоело да се преправи во принц, престолонаследник, од Абу Даби, или од Дубаи. Ако зборува малку побавно од вообичаеното, ќе изгледа уверливо дека ако биде избран за претседател, татко на сите граѓани, во Северна Македонија ќе потече мед и млеко од сите страни и дека со влезот во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ граѓаните на Недојдија ќе се збогуваат со сиромаштија и ќе почнат да живеат како бубрег во лој, сите среќни, слободни, безбедни и богати. Нигде тоа го нема, ама го има редовно  во предизборна кампања.

Сега кога се во ек велигденските пости и кога е голем грев да се лаже пред  најголемиот христијански празник, сепак оваа идеја Пендаровски да се преправи во богат принц или шеик не ќе да е добра. Повеќе би му прилегало  да си остане   Стево Пендаровски, да не се преправа. Чинам нема потреба. Тој е на вистинската страна на историјата што ја означува новата ера. Ако таа вистина, без лажни ветувања, не допре до мнозинството граѓани, тоа нема да биде само негов пораз. Доволно е да се потруди малку повеќе ова да се узнае каде што преовладува здравиот  разум.

За непартискиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, немаше потреба долго да се размислува. Таа уште првиот ден кога прифати да биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека ќе има две лица, а по потреба и повеќе. Ќе била како римскиот бог Јанус. Едно лице, научно и тоа главно од сабајле. Од тоа утринско лице професорката нема да отстапува. Другото  лице ќе биде  политичко, за попладне и навечер до доцна во ноќта. Политиката ја признава реалноста, па така и претседателката како мајка ќе бдее еднакво над сите свои деца, прифаќајќи ја реалноста. Таа е секогаш порастеглива од науката. На пример, претпладне нема никогаш да го прифати Преспанскиот договор, а попладне ќе нема проблем. Исто така и со Законот за употреба на јазиците и така со ред сè што е неприфатливо од научен аспект ќе биде прифатливо од политички. Само ќе треба редовно да се менуваат маските.

Претпоставувам дека проф. Силјановска добро знае зошто римскиот бог на сонцето, на војната и на мирот, на секој почеток и на времето, по него се вика првиот месец во годината, богот Јанус е претставен со две лица. Едно младешко што гледало напред, во иднината и едно старо што гледало назад, во минатото. Досега Гордана Силјановска-Давкова не ја покажа маската што гледа во иднината. Го задржа старото лице врз кое не мора да става маска кое гледа само назад во минатото. Со почеток на телевизиските дуели се очекува да фрли поглед и нанапред. Па макар и како априлили. Има уште една важна  работа која научникот и политичар Силјановска би требало да ја знае штом самата ги избрала двете лица на Јанус, а тоа е дека храмот што му бил посветен на богот Јанус во времето на мир бил постојано затворен, а во времето на војна бил секогаш отворен. Нејзиниот храм уште пред да почне изборната кампања беше постојано отворен.

Претседателскиот непартиски кандидат, професорот Блерим Река, е најспокоен и нема никаква потреба од маскирање. Тој зборува сталожено и разбирливо. Знае дека во првиот круг нема да победи, но знае дека ќе добие во вториот, третиот и четвртиот круг… Проф. Река и неговите ги бројат гласовите за следните избори кои навестуваат нови коалиции во уќуматот.