Барање до претседателот Иванов да стави вето на Законот за јазиците

Барање до претседателот Иванов да стави вето на Законот за јазиците
Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (СПУКМ) преку јавно писмо бара најитно повлекување на Законот за употреба на јазиците.Оттаму ги повикуваат народните пратеници да носат закони во согласност со Уставот и додаваат дека владеењето на правото мора да биде главен епитет во работењето, а не, како што велат, шверцерски со знаменце на Европска Унија да се носат антиевропски закони кои ја нарушуваат меѓуетничката хармонија, го суспендираат Уставот и ги рушат основните белези на државата.

Од студентскиот парламент на УКИМ воедно истакнуваат дека ги споделуваат и поддржуваат ставовите и аргументите од отвореното писмо до пратениците кое го упатија професорките Гордана Слијановска, Катица Ќулафкова и Симона Груевска – Маџовска.

„Овој закон нема врска со евроинтреграцијата на РМ, ниту значи хармонизација со правото на ЕУ. Овој закон не е приоритетен. Овој закон не е дел од Рамковниот договор, ниту е во неговиот дух. Овој закон не е конкретизација на амандманот V од Уставот на Република Македонија. Впрочем, правото на едниот завршува онаму каде што започнува правото на другиот. Законот за употреба на Македонскиот јазик налага, меѓу другото и негова заштита“, наведуваат од СПУКМ.

Понатаму истакнуваат дека во член 2 од Законот за употреба на македонски јазик е утврдено дека: македонскиот јазик е духовно богатство од посебно културно и историско значење на Републиката и додаваат дека според нив Законот за јазиците не е соодветен начин за негување, чување и заштита на посебното културно и историско значење на Републиката.

„Овој закон е противуставен, директно ја нарушува унитарноста на Република Македонија, целосно го суспендира Законот за употреба на македонски јазик и најдиректно го урива статусот на македонскиот јазик како основа на меѓусебното разбирање“, велат од СПУКМ.

Оттаму го повикуваат претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, во име на неговата функција како претседател на оваа држава, но и како почитуван професор на правниот факултет на УКИМ, да ги заштити и брани националните интереси и суверенитетот на Република Македонија и да го употреби правото на вето за овој закон.

 

Споделување со вашите пријатели: