Секоја година се гори се повеќе медицински отпад

Секоја година се гори се повеќе медицински отпад
Од Нова Година досега „Дрисла“ не гори медицински отпад туку само го складира. Почната е постапка за набавка на воден филтер на инсенераторот што ќе биде преодно решение додека да стигне нова печка. Ова е заклучокот од вчерашната вонредна контрола на работата на депонијата, што вчера ја направи Државниот инспекторат за животна средина.

На „Дрисла“ се складира медицинскиот отпад од цела држава. Податоците од депонијата кои се јавно објавени покажуваат дека секоја година се зголемува количеството медицински отпад што таму соговорува. Во 2015 година, последната година за која има податок, на „Дрисла“ се согорени 774.866 килограми медицински отпад. Година претходни бил 572.875 килограми, а во 2013 – 566.588 килограми. Кога ќе се споредат бројките, се гледа дека во 2015 година количината согорен отпад е двојно поголема од отпадот што бил согорен во 2008 година. Низ годините наназад, бројките се се помали. Во 2000-та година биле согорени само 114.900 килограми медицински отпад. Станува збор за специфичен отпад кој се прави во болници, поликлиники и други медицински установи, забни и ветеринарни ординации, додека се лекуваат луѓето или животните. Овој отпад кој бара посебен третман кога се собира, се транспортира и согорува, поради што мора да е одделен од комуналниот отпад.

„Дрисла“ минатата недела беше казнета со 8.500 евра бидејќи 24 часа горела медицински отпад во печката и го загадувала воздухот. Инспекторатот ѝ наложи на депонијата да работи осум часа дневно, наместо во три смени како досега. На компанијата ѝ беше даден рок од 70 дена да постави филтри. Палењето на медицинскиот отпад ќе се врши до средината на февруари само по три часа дневно, и тоа само кога има поволни метеоролошки услови.

-Дрисла ги применува препораките од решението на Инспекторатот. Во периодот од

01.01.2018 год. до денот на вонредниот надзор инсенераторот не е во функција, а примениот медицински отпад се складира во контејнери – изјави Мирослав Богдановски, директор на Државниот инспекторат за животна средина.

На Дрисла не може целосно ѝ се забрани да гори медицински отпад, бидејќи нема резервна варијанта што ќе се прави со него додека да се постават филтри и да стигне новиот инсенератор. Би биле проблем како складирањето, така и постапувањето со овој специфичен отпад, вели Богдановски. И водниот филтер е привремено решение со кое само се премостува најголемиот проблем, загадувањето на воздухот. Од согорувањето на медицински отпад во воздухот се ослободуваат јаглероден моноксид, сулфур двооксид и прашина. Инспекцијата утврди дека „Дрисла“ пред казната согорувала по три тони отпад на ден, во две смени со капацитет од 250 килограми на час.

Сегашната печка, донација од британската влада во 2000-та година, има капацитет од согорување медицински отпад 200кг на час или 500 тони на годишно ниво. На него се спалуваат е лекови со поминат рок.

С.С.З.

Надлежните тврдат: Не е увезен медицински отпад од странство

Нема официјален податок дека во Македонија бил увезен отпад од странство, велат од Инспекторатот за животна средина. Медиумите пишуваа дека во 2016 година, во Македионија требало да заврши опасен отпад од Италија.

-Веднаш им наложивме на инспекторите да испитаат дали во државата воопшто бил увезен медицински отпад. Официјалните податоци и од Царинската управа се дека таков увоз немало - вели Богдановски.

Истото го тврди и заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули.

-Ве уверувам дека во земјава не бил увезуван медицински или друг вид отпад. Имало барање во септември 2016 за увоз од странство на отпад, но Министерството за животна средина го одбило тоа барање – изјави Макрадули.

Споделување со вашите пријатели: