ДИК кратела од „теренците“ за себеси да си даде бонус

ДИК кратела од „теренците“ за себеси да си даде бонус
Членовите на Државната изборна комисија им ги намалиле дневниците на „теренците“ на денот на изборите за да можат да си дадат бонус-плата за себе. Непринципиелноста на ДИК стана јавна тема откако американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли, ја откри алчноста на спроведувачите на изборите, при што беше утврдено оти таквата пракса траела со години. Под притисок на јавноста, ДИК вчера свика вонредна седница, на која беше одлучено секој од членовите индивидуално да донесе одлука што ќе прави со земените средства. Во меѓувреме, „Независен весник“ дојде до нови сознанија за однесувањето на членовите на ДИК, кои би требало да бидат еден од столбовите на демократијата и важен чинител против коруптивното однесување во општество.

Информацијата што ја слушавме и прочитавме во медиумите дека водството си поделило дополнителна плата за неколкуте месеци работа за локалните избори во октомври ни ја прели чашата. Тоа е дрска и безобразна одлука, затоа што со месеци нѐ лажеа и нѐ убедуваа дека нема пари, па морало да се затегне ременот“, велат вработени во ДИК, кои служат за техничка поддршка во реализацијата на секои избори.

Претставувајќи се како група вработени, замолуваат нивните имиња да не ги објавуваме јавно поради страв од одмазда и добивање отказ. Иако, како што велат, водството на ДИК ќе препознае лесно од каде извира незадоволството.

Изминатите дваесетина години, односно од осамостојувањето на Македонија и спроведувањето плурални избори, ја вршиме техничката поддршка на изборите. Поточно, наша обврска е трансферот на податоци од секое избирачко место во земјава до централата на ДИК. Ги испраќаме доцна во ноќта по затворањето на гласачките кутии за да можеме уште истата вечер да имаме првични неофицијални информации за исходот. Во зависност од големината на општините, односно бројот на гласачките места, се определуваше по колку луѓе ќе одиме. Главно, во поголемите општини по двајца или по тројца, а во најмалите по еден. Како илустрација, лани на пример во Кавадарци и во Штип одевме по тројца и имавме еден куп работа, бидејќи се работи за 60 избирачки места, треба податоците да се внесат и да се пратат во ДИК. И притоа се бара целосна концентрација бидејќи и најмала грешка може да влијае врз резултатите. За таа работа секој од нас добиваше од шест до осум илјади денари по изборен круг. Таа тарифа важеше неколку изборни циклуси. Но не и годинава“, сведочат нашите соговорници.

Пред одржувањето на локалните избори, на „теренците“ им било кажано дека буџетот е празен, поради што треба да се скратат трошоците.

Ни рекоа дека истата работа што до лани ја вршевме тројца (вкупно 200 луѓе), сега ќе мора да ја сработи еден (вкупно 85 луѓе). Што да правиме, прифативме. Искрено, очекувавме дека поради зголемените обврски и дневниците ќе бидат зголемени, но место тоа, нѐ дочека шок. Добивме само 2.000 денари или 33 евра. А да напоменеме дека не е исто да работиш на претседателски или парламентарни со локални избори. На првите има една листа, додека на локални има листа на градоначалник, листа на советници, а во Скопје и дополнително за градоначалник на градот, плус за совет на град“, реагираат вработените.

Тие побарале средба со претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, и им било ветено дека ќе се види што може да се направи, но не веруваат во тоа бидејќи за дваесетина дена буџетот ќе се затвори.

Поради тоа, размислуваме да им ги вратиме и тие 2.000 денари“, потенцираат нашите соговорници.

Работата на ДИК е сериозно критикувана во сите извештаи на ОБСЕ, пред сѐ поради нетранспарентноста, но и поради лошата организација. Во понеделникот, амбасадорот на САД во Скопје, Џес Бејли, јавно ги прозва членовите на ДИК дека си изгласале дополнителна плата за четири дополнителни месеци за нивната работа на октомвриските избори. Тие претходно дополнително добиле плата и за пет месеци по изборите од 2016 година. Во реакцијата на ДИК беше наведено дека од распишување до завршување на изборите биле во постојано заседание, континуирано, без оглед на неработни денови и празници и работниот ден најчесто траел повеќе од 20 часа.

ДИК си исплатила екстра пари и лани во јуни, иако изборите воопшто не се одржаа. Покрај редовната плата од илјада евра, членовите добиле и надоместок од три илјади евра за „макотрпната“ работа во тие четири месеци на подготовка на изборите. Надоместокот за избори од илјада евра е законска рамка, а првпат дополнителни илјада евра членовите на ДИК добија пред три години за двојните претседателски и парламентарни избори.

Горан Адамовски

Споделување со вашите пријатели: