Осигурани, а пак плаќаме: Секој месечно троши по 300 денари за здравство

Осигурани, а пак плаќаме: Секој месечно троши по 300 денари за здравство
По 1.010 денари по домаќинство или 298 денари по лице се трошат за здравство на месечна основа, покажа анкетата спроведена за потребите на студијата „Универзалното здравствено осигурување во Република Македонија и ефектите од спроведување на проектот 'Здравствено осигурување за сите'“ на Институтот „Фајнанс Тхинк“.

Анкетата е спроведена на репрезентативен примерок од 1.200 домаќинства со вкупно 4.068 члена.

Ова е просечна месечна потрошувачка. Но има 1,89 отсто лица што се соочиле со расходи за здравство повисоки од 25 проценти од вкупните расходи на домаќинството. Други 2,24 отсто граѓани имале расходи за здравство повисоки од 40 проценти од остатокот на средствата на домаќинството по потрошувачката за храна. Притоа, од анализата на овие домаќинства со катастрофални трошоци за здравство, се забележува дека најголем дел од нив или 75 проценти имаат потрошувачка повисока од своите вкупни приходи.

Од друга страна, од вкупниот број домаќинства што учествуваа во анкетата, 32,5 отсто од лицата воопшто немале здравствени трошоци, а 37,3 отсто имале трошоци што биле пониски од пет проценти од нивните вкупни расходи во месецот.

Третина од трошоците (35 отсто) што граѓаните ги направиле во 2015 година за да обезбедат здравствена услуга се за набавка на лекови. Поточно, 27 отсто се трошоци кои не се на товар на Фондот за здравство, а седум отсто од трошоците се за лекови кои се на позитивната листа.

- И покрај ваквата поставеност на системот, која цели да се обезбеди висока финансиска заштита на пациентот во системот, индикаторот за приватни средства за здравство, кој во последните 10 години има надолна линија на движење, сѐ уште се наоѓа на релативно високо ниво од 34 проценти од вкупните средства за здравство. Една половина од овие средства е поврзана со лекови, а, исто така, голем е процентот на средства што се платени за користење „приватни“ здравствени услуги, во приватните болници. Ако услугите во приватните болници се поврзани со нивната бизнис и маркетинг-стратегија кон повисоките слоеви на населението и кон лица што немаат доверба во јавниот сектор, лековите иако, по теорија, очекувано земаат

голем дел од приватните средства, треба да бидат предмет на натамошна анализа на тие што ја формираат политиката - се вели во студијата.

Македонија има севкупно здравствено осигурување и дека во моментов 95 отсто од населението е осигурено. Единствени што не можат по која било основа да остварат право на здравствено осигурување се околу 500 граѓани кои немаат лични карти.

Државата го плаќа осигурувањето за околу 250.000 граѓани, или 25 отсто од населението, кои се пријавиле дека се под прагот на сиромаштија. Се смета дека тука треба да се направи поголема контрола кој се пријавува за сиромашен бидејќи официјалните податоци од институциите се дека 21 отсто од населението живее под прагот на сиромаштија.

С.С.З.

Споделување со вашите пријатели: